Wednesday 18 January 2017

La la land - Damien Chazelle (2016)


Ryan Gosling и Emma Stone се прекрасен филмски пар. Покажаа дека имаат одлична хемија уште во 'Crazy, Stupid, Love', a со La la land ќе се запишат на списокот на бесмртни филмски двојки. Очекувајте уште многу романтични комедии со нив во главните улоги! Е сега откако расчистивме со кастингот, ќе кажам дека приказната на La la land ми се допадна повеќе од формата, пред сè затоа што музиката и кореографијата не се ништо посебно. 



Станува збор за двајца сиромашни уметници кои се обидуваат да успеат во Los Angeles. Mia (Emma Stone, која, да имаше полова рамноправност во Холивуд, ќе добиеше top-billing) сонува да стане актерка, но после многу неуспешни аудиции наоѓа инспирација во пишувањето. Sebastian (Ryan Gosling) е џез традиционалец кој жали што не се родил 40 години порано, па затоа мора да компензира со подбив кон сè што има модерен призвук. Она што следува е судар меѓу идеалистот и циникот, и на екранот и во самите нас. 

Сето ова е зачинето со неверојатна почетна нумера снимена на закрчен автопат (Goddard би се насмевнал), еден симпатичен трибјут на Фред Астер и Џинџер Роџерс, и една прекрасна песна. Сепак филмот ме остави доста ладен сè додека музиката не се стиша и реалноста не ги нагриза техниколор фантазиите на главните ликови. Ова е клише романса со одлични главни актери, која станува сè попаметна колку повеќе се ближиме кон крајот. 


Режисерот Damien Chazelle е фасциниран од животот на уметниците (види Whiplash) и делува дека вметнува автобиографска жичка во секој свој филм, што му дава на La la land доза на автентичност. Сепак, ова не му пречи на Chazelle да позајмува без усул и да направи еден забавен (џез?) колаж од филмски цитати, меѓу кои мене ми е омилен сценаристичкиот наклон кон Frank Capra и It's a wonderful life.




La la land е еден од оние филмови во кои Холивуд се капе во носталгија, се воодушевува од својата гламурозна историја, си честита на мета-пристапот, и не гледа баш во иднината. Згора на сè ова е џез мјузикл, жанр кој во својата блиска иднина има неколку Оскари, но на долги патеки ќе почека барем уште десет години до следната инкарнација. Ако ви треба потврда на ова тврдење, сетете се на The Artist, Оскаровецот од 2012 кој нè бомбардираше со холивудска носталгија, но потоа брзо замина во заборав. Да бидеме објективни: џезот (барем оној традиционалниот) умира. Мјузиклот одамна е на апарати за одржување во живот. Умира и Лалаленд, холивудската ветена земја во која сè беше можно. Филмот La la land e нешто помеѓу љубовно писмо и посмртница на златните години од минатиот век и на ѕвездите кои ги овековечија.  Слава им!


No comments :

Post a Comment