Wednesday 30 November 2016

Да се прошетаме по кортикалната лента

Автор: Кевин С. Вајнер (Kevin S. Weiner)
Невронаучен истражувач, писател, картограф на човечкиот мозок, сурфер, пливач  

Кога ќе го чуете зборот лента, може помислувате на виткање подароци или пак на награда што сте ја освоиле на седум години (или можеби вчера). Веројатно не знаете дека составен дел од тоа што придонесува кон вашето мислење и осознавање е еден појас од нервно ткиво познат како кортикална лента. Па, додека ги прибираме и привршуваме новите постови со најзначајните моменти од годинашната средба за мапирање на човечкиот мозок во Женева што ја спомнавме минатиот пат, да се прошетаме заедно по кортикалната лента.

Кортикалната лента е појас со дебелина од 3 мм (приближно колку што ви расте ноктот за месец дена) што го сочинува најнадворешниот дел од човечкиот мозок. Самата лента се состои од шест слоја и во секој слој има неврони, или нервни клетки. Поставеноста на тие клетки низ слоевите создава организација, или архитектура, што ја разликува една мозочна зона од друга.

Кортикална лента. Горе лево: Фотографија на постмортем мозок отстранет од черепот. Горе десно: Пресек на мозокот долж црвената линија од лево. Горната половина на пресекот ги прикажува десната и левата хемисферa на мозочната кора. Кортикалната лента е темната контура што се гледа долж периметарот на секоја хемисфера. Долната половина од секцијата (мрежестите линии) е церебелумот. Долу: Ова е зголемена слика од секцијата во рамките на црвениот квадрат од горе. Деловите на кортикалната лента се означени со броеви. Замислете си ја кортикалната лента како патека од сива маса што ја обиколува белата маса, за која ќе зборуваме во идните постови. Слика адаптирана од Касперс и др., 2013 
Токму тие разлики во архитектурата придонесуваат кон различните функции што ги вршат овие мозочни зони. Па, ако си замислите дека сте турист во мозокот и се шетате по кортикалната лента, ќе видите различни видови архитектура. Сега засега, има алгоритми што ги идентификуваат границите меѓу една мозочна зона и друга (резимирани тука) без никаква потреба од микроскоп. Овие граници всушност се како демаркациите што ги одделуваат државите во САД една од друга. Меѓутоа, шетајќи се по кортикалната лента, кога преминувате во нова мозочна зона нема да ве пречекаат знаци како кога поминувате граница и гледате „Добредојдовте во Њу Џерси!“

Важно е да се забележи дека некои од овие архитектурни разлики не се остри, туку се приличнo нејасни меѓу зоните. Без оглед на тоа, границите меѓу системите се јасни. На пример, зоните на визуелниот систем што ни помагаат да гледаме изгледаат сосема поинаку споредени со зоните на моторниот систем што ни помагаат да се движиме. Сепак, зоните не мора да бидат во различни системи за да изгледаат различно. Дури и зоните што се соседни и што се дел од истиот систем може да изгледаат различно меѓу овие шест слоја на кортикалната лента. Тие разлики во структурата се поврзани со разликите во функцијата, кои ќе продолжиме да ги одмотуваме во следните постови.

Па, следниот пат кога ќе ја одврзете лентата при одвиткувањето подарок, помислете на вашиот мозок и сите разновидни нешта што тој ви ги отвора за да ви помогне да го осознаете светот.

Кевин С. Вајнер (Kevin S. Weiner) е невронаучник и член на Организацијата за мапирање на човечкиот мозок (Organization for Human Brain Mapping), а пишува за Тимот за комуникации/медиуми. Тимот за медиуми пренесува најнови информации и откритија за човечкиот мозок до вашите лаптопи, компјутери и мобилни уреди на невробиолошки пријатен начин. Повеќе информации за мапирањето на мозокот ќе најдете на www.humanbrainmapping.org/blog or @OHBMSci_News

Превод: М. Х.
Извор: Huffington Post

Понатамошно четиво:

Касперс и др., 2013 (Caspers et al., 2013)
Амунц и Цилес, 2016 (Amunts and Zilles, 2016)

No comments :

Post a Comment