Saturday 17 September 2016

Kubo and the Two Strings - Travis Knight (2016)




Ако треба да трепнете, направете го тоа пред да почне Kubo and the two strings, oти филмов ќе ве остави ококорен и вчудоневиден.  Да се разбереме, ова не е филм за деца.  Ви зборувам од искуство, оти син ми после дваесет минути се преплаши и бараше веднаш да го изнесам надвор.  Кога се вративме во кино салата издржавме уште само пет минути, за потоа стравот повторно да надвладее.  Затоа се договоривме дека јас следниот ден ќе отидам сам да го догледам филмот и ќе му раскажам што се случило.  



Епа еве синко што видов денеска.  Видов приказна за едно храбро момче (Кубо) одгледано од кататонична (не знаеш што е кататонична?) мајка, чијшто татко бил убиен од дедо му.  Дедото не сопрел тука, туку му го одземал едното око на внукот, и сега го прогонува (заедно со другите две ќерки вештерки) за да му го земе и второто око и да го направи комплетно слеп.  Дедото верува дека само така неговиот внук може да му се придружи на престолот на месечевото кралство, место забрането за обични смртници, без разлика колку се храбри и паметни.  Во битката против месечевото кралство Кубо користи оригами фигури, кои оживуваат кога тој ќе засвири на својот шамисен (јапонска гитара), направена од три струни.  По пат му помагаат мистериозниот мајмун Monkey и човекот бубачка Beetle.



Можам да продолжам да ти ги раскажувам детаљите, зашто не мислам дека тие беа она што те преплаши.  Бизарната анимација на студиото Laika е нешто што воопшто не ти сметаше кога заедно го гледавме Boxtrolls.  Но засега ќе те поштедам од вистинскиот хорор: губењето на детството, слепилото и заборавот што доаѓаат со староста.  Еден ден ќе дојдат вештерките на заборавот и ќе скинат две струни од твојот шамисен: мојата и онаа на мајка ти.  Ќе остане твојата струна, онаа најсилната, со која ќе создаваш нови ликови и ќе освојуваш нови кралства.  И ако имаш среќа, памет, и добри сопатници, ќе си ги зачуваш двете очи, за да не те заслепат ветувањата на вештерките и чудовиштата.


No comments :

Post a Comment