Friday 29 January 2016

За теориите на заговор и зелените мозокојадци

Во главата на многу луѓе живее еден мал зелен мозокојадец. Причината заради која модерната наука го крие неговото постоење е затоа што мозокојадецот е имплантиран од самите научници при раѓање. Тие експериментираат со дел од човечката популација за да ги идентификуваат оние луѓе кај кои мозокојадецот не може да вирее. Од таа група се регрутираат новите генерации научници.


Горниот параграф ги има сите одлики на типична теорија на заговор: (i) група што (ii) работи во тајност за да ги (iii) промовира сопствените интереси преку (iv) координирани акции. Згора на сè, теоријата не може да биде побиена. Дури и ако некој реши да ви ја отвори главата и не успее да го најде мозокојадецот, тоа може да значи дека вие не сте еден од ‘избраните'. Или пак дека мозокојадецот е толку мал што не може да се види. Или пак дека во моментот кога ќе биде откриен, мозокојадецот се самоуништува. Како и секој добар заговор, и овој е дел од уште поголема конспирација. Но за тоа малку подоцна.


Еден од првите чекори од детство кон зрелост е развитокот на првите детектори на заговор. На пример, како мали слепо веруваме во Дедо Мраз, но наскоро почнуваме да се сомневаме дека тоа е само заговор на возрасните да ни дадат подарок за кој не можеме да се побуниме, бидејќи на дедото му се губи трагата на 1 јануари. Некои од нас стрпливо ќе си молчат и ќе си го чекаат новогодишниот подарок и догодина; заговор си е заговор, но подарок си е подарок. Некои од нас ќе ја разоткријат заверата и со тоа ќе си ја уништат магијата.

Теориите на заговор се природна еволуција на човечкиот капацитет да дава објаснување за работи кои се вон неговата способност на разбирање. Christopher Hitchens ги нарекува теориите на заговор 'издувни гасови на демократијата', неопходен нус-продукт на демократизацијата на знаењето. Paul Simon пак ја дава најдобрата причина за нивното постоење: Човекот го гледа она што сака да го види, игнорирајќи го останатото.







Способноста да препознаваме шаблони ни овозможува да се справуваме со неверојатно комплексниот свет околу нас. Препознавањето на шаблони е она што ни овозможило да опстанеме како животински вид. Истиот механизам кој со милениуми ни овозможува да препознаеме камуфлирана опасност, ни овозможува и да видиме скриени пораки на небото или човечко лице на парче тост. Механизмот на сомневање кој ни помогнал да идентификуваме отровна храна или зли намери, е истиот што нè тера да се сомневаме во ефикасноста на вакцините и насекаде да наоѓаме докази што ги потврдуваат нашите сомнежи. Но границата помеѓу скепса и параноја е многу тенка, па не е ни чудо што некои поклоници на теории на заговор имаат дадено неверојатен придонес кон науката.

Ако некогаш сте прочителе стрипче Марти Мистерија или книга од Dan Brown, ако сте пораснале фантазирајќи за траги од вонземјани во пирамидите или на Наска, или пак само сте почувствувале трепет во срцето при споменување на зборот Illuminati, chemtrails или вакцини, бидете сигурни дека науката буричкала во вашата глава и ви вградила таму еден мал зелен мозокојадец. На вас е дали ќе му дозволите да ви се храни со мозокот, или ќе го жртвувате миленичето за разумно да ги пронајдете вистинските одговори.  

Затоа овој текст не е обид да се разубедат оние кои си имаат омилена теорија на заговор. Слободно одгледувајте си ја и хранете го мозокојадецот со коинциденции. По пат повторувајте си дека токму ова е тоа што научниците сакаат да го правите. Така си ги јакнат сопствените редови со скептични препознавачи на шаблони, во обидот да го разоткријат најголемиот и најмистериозниот заговор - оној во кој Универзумот се обидува да нè убие пред да можеме да ја откриеме неговата тајна. Во овој заговор научниците се всушност добрите дечки и девојки, а некои од вас порано или подоцна ќе преминат на нивната страна. 





Понатамошно четиво: 

Goertzel (1994)
http://www.gregbryant.org/BeliefinConspiracyTheoriesPP1994.pdf


2 comments :