Tuesday 12 January 2016

Две недели култура во Скопје


Во Скопје доаѓам прегладнет.  Не само за кифли од фурна, туку и за добар муабет и за доза култура.  Заборавам на секојдневните обврски, долгите меилови, бавните состаноци и брзата храна на Северна Америка.  Го баталувам инбоксот и скитам низ скопската магла во потрага по храна.  Уживам во тие скитања, додека се полни и стомакот и душата.


И годинава трпезата беше богата.  Кај сармите и фурните малку се променило од лани, но душевната храна е друга приказна.  Воскреснуваат старо-нови институции (Кино Култура), а објектите кои ја поларизираат јавноста (новиот МНТ) почнуваат да шират и позитивни вибрации.  Клетвата за живот во интересни времиња во Скопје нашла постојан букмарк.


Позајмено од Андреј Жерновски ФБ
Новото Кино Култура е обновено таман толку за да изгледа модерно, а сепак ние постарите да не бидеме дезориентирани.  Нозете сами го најдоа патот и до балконот и до мемливото WC неколку спрата подолу, a сеќавањата навреа како плима.   Убаво е повторно да се види позитивна енергија онаму каде што сум ги доживеал моите први бакнежи, и филмски и школски.


Позајмено од Општина Центар ФБ
Нормално, објектот е непотребен ако на сцената нема нешто посебно и незаборавно.  За тоа се погрижија секогаш енергичните Фолтин, кои растураа со својата музика додека врз нив (буквално) се рушеше малтерот од плафонот.  Следниот ден Ајнштајновите соништа (една од моите омилени книги) добија една сосема нова димензија.  Низ дваесетина одлично кореографирани рутини, драматургот Богдановски и режисерот Унковски ја доловија магијата на времето и му дадоа ново значење на поимот ‘анахронизам’, додека музиката на Златко Ориѓански (која патем плаче за на радио) ѝ даде на драмата поп-сензибилитет, но и тематско сидро.


Новата година ја дочекав во Хард Рок (по ново Сити Хол).  Лани имав прекрасен дочек на истото место, пред сè поради Фолтин (види погоре), но и поради Летечките Пекинезери.  Оваа година Пекинезерите ги видов неколку дена порано во Менада, а новата година ја дочекав со DJ Goce и DJ Chvare, откако се изнаскокав на сетот на Ненад Стефановски - Брус.  Во отсуство на нов албум на Foolish Green, беше убаво да се види дека Ненад не одмара, а богами ни неговите фанови.

Фала им на боговите и за скопските константи.  Југотон во ГТЦ минува низ секакви делби и трансформации, но Симе е и натаму чувар на добриот вкус, без кого немаше да го откријам новиот (и дефинитивно најгневен) албум на Џака.  Игор од Или-Или е секогаш полн со препораки, па дури и во годината кога ја доби наградата Мито Хаџи Василев - Јасмин, тој сепак повеќе сака да зборува за новиот роман на Господинов, отколку за плодот на неговата децениска работа во областа на филмската публицистика - Филм.мкд.


Позајмено од Telegraf.mk
За крај го оставив мјузиклот Чикаго, кој ми стави насмевка на лицето и топлина во срцето.  Сигурно голем дел од шармот доаѓа од музиката и енергичната кореографија лиценцирана од оригиналниот бродвејски мјузикл, но препевот (браво Маја Павловска!) и изведбата на Арна Шијак, Јелена Јованова, Жарко Димоски и Тања Кочовска се изворни, автентични и неверојатно забавни.    За вакво нешто на Бродвеј се плаќаат стотици долари и се планира со месеци однапред.

По две недели гладта стивнува.  Авионот ме враќа дома, онаму каде што секојдневните обврски и грижи ме прават слеп за вкусните нешта околу мене.  Некогаш е тешко да се видат работите што ни се пред нос, дури и ако нема магла.  Се враќам во рутината уморен, но сит.

No comments :

Post a Comment