Friday 31 July 2015

Dope - Rick Famuyiwa (2015)


Ако Spike Lee сé уште беше млад и бунтовен, веројатно ќе направеше филм како Dope: енергичен и смешен, но истовремено полн со емотивен дијалог и длабоки опсервации за современите проблеми на Америка како расната нетрпеливост, трговијата со дрога, и невидливиот интернет.  Ако ова не е доволно да ве натера да го погледнете Dope, ќе додадам дека згора на сé филмот е и модерен мјузикл, со феноменална мешавина на old-school rap и нов панк-поп продуциран од Pharrell Williams.


Оригиналните песни се изведени во целост од страна на триото Awreeoh, составено од тројцата главни ликови кои живеат во црнечко гето и се опишуваат себеси како истоимените колачиња: црни однадвор, но бели во душа.  Фронтменот на групата е Малколм  (Shameik Moore), кој најмногу од сé сака да се запише на Харвард, дури и ако тоа значи дека треба да продава дрога за да стигне таму.  Малколм е толку фокусиран на својата иднина, што не ни помислува да проба од дрогата што ја продава, ниту пак да ја изгуби невиноста со една од полуголите девојки што му се фрлаат во прегратки.  Првпат во историјата на филмот еден тинејџер избира биткоини наместо дрога и секс.


Ова е храбар филм кој не бега од ризични теми, но истовремено успева да насмее и развесели.  И покрај обилните псовки и голотија, најпровокативниот аспект на Dope е начинот на кој ја потенцира расната раслоеност на Америка.  Малколм е жртва на дискриминација меѓу 'своите', затоа што сака да го напушти гетото и да се интегрира во општество доминирано од белци.  Но уште потешката форма на дискриминација е недостатокот на можности за Малколм да го оствари својот сон.  Харвард можеби и ќе го прими Малколм, но никогаш нема да сака да ја дознае суровата вистина и тајната зад неговиот успех.  Само така привилегираните ќе продолжат да живеат во привид на праведно општество: ем Харвард сит, ем Афроамериканците на број.


No comments :

Post a Comment