Monday 31 March 2014

Nymph()maniac Vol. 1 & 2 - Lars Von Trier (2014)


Зависноста од секс станува жешка филмска тема.  Во минативе неколку години ги видовме претенциозниот и стерилен Shame, како и смешниот и длабоко хуман Don Jon.  Nymph()maniac на Lars von Trier е и претенциозен и стерилен и смешен и хуман, и како таков ништо налик на претходните два.  Ако постои филм-побратим на Nymph()maniac, тоа би бил Kill Bill на Quentin Tarantino, колку и да звучи таа споредба неверојатна на почетокот.  


Како и Kill Bill, најновиот филм на Lars Von Trier e експериментален филм, составен од повеќе  стилски различни сегменти (некои брилијантни, некои сосема непотребни) нафрлани врз костур од приказна.  На главната хероина и се случуваат многу лоши работи, но идентификација со неа е речиси невозможна оти гледачот е свесен дека целиот филм е режисерска манипулација направена со цел да шокира и да иронизира.  И најпосле, како и Kill Bill, Nymph()maniac е еден совршен двочасовен филм, напумпан со режисерска суета до речиси неиздржливи четири часа, а потоа поделен на два дела за да им го троши трпението и парите на гледачите.  За чудо, постои дури и петиполчасовна верзија на Nymph()maniac, наводно со многу повеќе гениталии и хардкор секс.  Нека фала, ако е и од Von Trier, доста е.

Monday 24 March 2014

Како да (не) се докаже дека вакцините предизвикуваат аутизам?

Пред неколку месеци дневниот весник Вест ја објави мојата реакција на серијата сведоштва од родители кои сугерираа дека постои врска помеѓу вакцините и аутизмот. По објавувањето на реакцијата добив многу критички настроени коментари на Фејсбук страницата на Вест, на мојот блог, и по емаил. Најдобро аргументираните коментари секогаш беа поткрепени со линкови од научни трудови што ја поддржуваат врската меѓу вакцините и аутизмот, и сметам дека овие коментари заслужуваат одговор. Се надевам дека сите кои аргументирано ми се спротиставија ќе го прочитаат овој подолг текст до крај, без предрасуди.  Значи, како најдиректно да се докаже дека постои врска помеѓу вакцините и аутизмот?

Tuesday 18 March 2014

Before Midnight - Richard Linklater (2013)


Можам да набројам стотина филмски ликови кои ми оставиле незаборавен впечаток и ми го збогатиле животот.  Знам дека врската со нив е еднострана и виртуелна, но тоа не ги прави помалку вредни.  Пријателите од крв и месо се менуваат или заминуваат, а овие филмскиве остануваат тука, на клик од мене, соучесници во сите мои радости и разочарувања.  Се прашувам дали на стари години ќе можам да ги ископам од збрчканиот мозок нивните ликови и реплики или пак можеби со времето тие ќе избледат и ќе отстапат место на некои нови познанства.   Ако некогаш заборавот ги нагризе филмските карактери кои ме формирале низ годините, се надевам дека ќе ги поштеди Џеси (Ethan Hawke) и Селин (Julie Delpy), главните ликови на Before трилогијата на Richard Linklater.

Џеси и Селин се архетипови на мојата генерација.  Пообразувани, посамосвесни и поиронични од своите родители, тие се сепак неспособни да ја преточат таа предност во стабилност, спокој или среќа.  Прогонувани од она што Џони Штулиќ го нарекува ‘проклетата можност за избор’, тие уморно шетаат меѓу континенти и партнери во постојана потрага по добар разговор и сродна душа.  20 години стрепам и навивам за нив, оти се чувствувам дека ако за нив постои хепи енд, тогаш има надеж и за мене.

Monday 3 March 2014

Филмски топ 13 за 2013

Во 2013 почина Roger Ebert, мојот омилен филмски критичар.  Со години по секој изгледан филм ги читав неговите критики.  Ниеден филм не беше изгубено време, оти знаев дека ме чека прекрасно напишан осврт што ќе ме натера повторно да го преживеам филмот и да размислувам за виденото. Смртта на Еберт ми создаде празнина која решив да ја пополнам со лични размислувања за изгледаните филмови.  Така се роди qantarot.blogspot.com

Одзивот од првите неколку месеци низ твитер и блогосферата ги надмина сите мои очекувања.  Пред да ја нападнам 2014 со уште повеќе елан, еве една ретроспектива на моите омилени филмови од 2013.  На листата за малку не си го најдоа местото All is Lost, Stories we Tell и Don Jon, но некаде мора да се нацрта линија:)

Sunday 2 March 2014

Philomena - Stephen Frears (2013)

Има моменти во Philomena кога бев свесен дека режисерот Stephen Frears ме манипулира и сака да измами солза од мене, ама едноставно не можев да му одолеам.  Judi Dench е извонредна глумица и нејзиниот портрет на простодушна мајка со скршено срце е навистина потресен.

Во 1951 година Филомена (Judi Dench) родила вонбрачно дете.  Католичката црква и го одзема детето и го дава на посвојување на богата американска двојка.  Егоцентричниот и арогантен журналист Мартин Сиксмит (Steve Coogan) дознава за нејзината судбина и решава да ја придружува во Америка во потрага по изгубениот син.  По пат, и двајцата подобро се запознаваат себеси и се соочуваат со духовите од минатото.

Судбината на мајките што родиле вонбрачни деца во Ирска досега има инспирирано неколку вознемирувачки филмови.  Она што го издвојува Philomena е суптилниот хумор кој ги хуманизира ликовите дури и кога се однесуваат крајно нечовечки.  Себичниот и саможивниот Мартин на крајот ни станува единствена можност Филомена да ја добие правдата, оти ни станува јасно дека самата таа никогаш нема да се спротистави на црквата.  Филомена е премногу побожна и премногу полна со разбирање за да ја согледа перфидноста на калуѓерките кои и го уништиле животот.  Прашање е колку од приказната е исфилувана за да се постигне драматичен ефект, но ако вистинската Филомена е половина од тоа што е претставена во филмот, тогаш е вистинска светица.


Saturday 1 March 2014

5 филмски разочарувања од 2013

Во пресрет на Оскарите, еве пет филма од 2013 што најмногу ме разочараа.  Да се разбереме, ова не се најлошите филмови што ги видов минатата година.  Напротив, повеќето од нив се храбри филмови што едноставно не ги исполнија моите очекувања:


Волкот од Вол Стрит е тричасовна забава со многу псуење, секс и дрога, која кулминира со една незаборавна сцена што меша квалуди, возење под дејство на дроги, шунка, и еден долг телефонски кабел.  По таа сцена, филмот се тркала надолу, како мамурлук по фантастичен трип.  Со секој нареден филм на Scorsese се повеќе се прашувам дали се потребни 3 часа за да се раскажат приказните кои тој ги одбира, или пак Thelma Schoonmaker, неговиот долгогодишен монтажер, веќе ги има пуштено уздите со кои знаеше дури и Raging Bull и Taxi Driver да ги ограничи на два часа.  Јунакот на WOWS Jordan Belfort не е пофасцинантен лик од Jake LaMotta или Travis Bickle и не заслужува филм од 179 минути.  Го чекам денот кога Scorsese повторно ќе направи филм под два часа.  Е тоа ќе биде вистинско уживање.


'Затвореници' на Дени Вилнев (Denis Villeneuve) е како оперско либрето заглавено во филм ноар пакување. Филмот е збрка од случајности, претерувања, емотивни реплики и крвави сцени, зачинети со тортура, змии и окултни знаци. Гледан како метафора, филмот е сведоштво за темнината во човечката душа. Гледан буквално, ова е смешна мешавина од фројдовска психологија и евтин хорор.  


Зошто ли по ѓаволите одлучил Spike Lee да направи римејк на Oldboy?  Што ли имал да додаде или да одземе од оригиналот?  Можеби сакал да направи социјален коментар за американската култура на насилство?  Можеби имал подобра идеја за тоа како се јаде жив октопод?  Одговорите на овие прашања се "не знам", "ништо", "не" и "каков октопод?"  Со еден збор, крајно непотребно.


La Grande Bellezza е визуелно раскошна и претенциозна фантазија за стареењето и заборавот.  Режисерот Сорентино на неколку пати потенцира дека идол му е писателот Flaubert и неговите напори да напише книга за ништо.   La Grande Bellezza нема приказна и се гордее со тоа.  Празнотијата во сценариото (и во душите на ликовите) Sorentino ја пополнува со баханалии и сцени на френетично журкање на кои би им позавидел дури и Емир Кустурица.  Големиот проблем е што целиот филм, замислен како продолжение на легендарниот La Dolce Vita на Federico Fellini, делува неискрено.  За разлика од Фелини,  кој во Marcelo Mastroiani од La Dolce Vita најде алтер его, Paolo Sorentino има само 43 години и не е можно да се стави во кожата на главниот лик Џеп.  Постои разлика помеѓу филм за ништо и филм за ништо особено, а La Grande Bellezza за жал е ова второто.



12 Years a Slave е компилација од робовладетелски клишеа. Режисерот Steve McQueen многу повеќе ужива да ни покажува човечки тела во агонија отколку внатрешен конфликт и интересен дијалог.  McQueen раскажува телеграфски.  Знае дека ако избере тема како за во жолт печат, нашата емпатија ќе ги поврзе точките, ќе ги обои ликовите со човечност и ќе ја доразвие приказната.  За жал, резултатот од неговите филмови е токму таква боенка со фонт 50-ка, во која приказната е само контура за елегантната фотографија.