Friday 28 February 2014

Her - Spike Jonze (2013)

На површина, Her е филм за тоа како технологијата се повеќе ја користиме како замена за интимност.  Но најновиот филм на Spike Jonze е многу повеќе од тоа, благодарение на оригиналната камера (Hoyte van Hoytema), ретрофутуристичкиот продукциски дизајн, евокативната музика на Win Butler од Arcade Fire, и универзалните размислувања на тема љубов и осаменост.  Приказната потсеќа на една од најмрачните епизоди на и така депресивната британска телевизиска серија Black Mirror.  Но Jonze успева да му долее на сценариото доволно патос, хумор и слатко-горчлива романтика за исходот да биде ако не оптимистички, тогаш барем поднослив.

Разочаран од неуспехот во претходната врска, Теодор Твомбли (Joaqin Phoenix) наоѓа утеха, а потоа и љубов во интелигентниот оперативен систем Саманта (со секси гласот на Scarlet Johansson, пресниман откако улогата оригинално ја одглумила Samantha Morton).  Како што Саманта еволуира, така Теодор минува низ истите фази од својата претходна врска: од рамноправен партнер до терет кој ја кочи саканата во остварувањето на своите потенцијали.   Очигледно проблемот не е во компјутерите, туку во самите нас.

Не сум го помислил ова порано, меѓутоа Joaqin Phoenix има неверојатно експресивно лице.  Речиси низ целиот филм Теодор глуми самиот со себе додека камерата упорно го држи во екстремен close-up, толку блиску што можеме да му ги изброиме брчките на загриженото и тажно лице.   Мал е бројот на актери што можат да издржат толку немилосрдна камера, но резултатот е една искрена, храбра и емотивна изведба, толку автентична што не може да и најде фалинка и најголемиот циник.  Her е филмот што го заслужува Оскарот за оргинално сценарио, а Академијата направи голем грев со тоа што не го номинираше Joaqin Phoenix за најдобра машка улога.



Thursday 27 February 2014

La Grande Bellezza - Paolo Sorrentino (2013)

Пред 54 години Federico Fellini го создаде La Dolce Vita, филм-споменик на хедонизмот и младоста.  Ако La Dolce Vita беше воведот во слаткиот живот полн со секс, алкохол и потрага по совршенството, La Grande Bellezza покажува што се случува кога потрагата ќе се покаже залудна.  Кога Анита Екберг се капеше во Fontana Di Trevi во најромантичната сцена на La Dolce Vita (а можеби и на сите времиња) од неа бликаше младост, енергија и сексапил.  Кога во La Grande Bellezza ќе се собере италијанскиот џет сет на журка кај Џеп Гамбардела (Toni Servillo), гледаме тела напумпани со ботокс и вијагра кои играат како да се во агонија и во залудно бегство од стареењето, заборавот и смртта.

Џеп е успешен новинар кој пред многу години напишал бестселер и од тогаш го троши своето богатство организирајќи журки и бомбардирајќи ги со претенциозност сите оние кои ја имаат несреќата во него да гледаат божество.  Можеме лесно да го замислиме Marcello Mastroianni во оваа улога како логично продолжение на неговиот карактер од La Dolce Vita, илустрација на тоа што се случува со човечкото тело и душа откако бројот на непреспани ноќи ќе почне да се брои во илјадници.  

Режисерот Сорентино на неколку пати потенцира дека идолот му е писателот Flaubert и неговите напори да напише книга за ништо.   La Grande Bellezza нема приказна и се гордее со тоа.  Празнотијата во сценариото и во душите на ликовите Sorentino ја пополнува со баханалии и сцени на френетично журкање на кои би им позавидел и Емир Кустурица.  Големиот проблем е што за разлика од Felini, кој со La Dolce Vita направил автобиографски филм, Paolo Sorentino има само 43 години и не е можно да се стави во кожата на Џеп.  Тој може само да фантазира и да се замислува себеси две децении подоцна.  La Grande Bellezza е токму тоа, визуелно раскошна и претенциозна фантазија за тоа како режисерот си се замислува себеси како стар човек.  Постои разлика помеѓу филм за ништо, и филм за ништо особено, а La Grande Bellezza за жал е ова второто.



П.С. Кога ќе видам филм како La Grande Bellezza, ми текнува колку многу ми недостасува Roger Ebert.  Кога ќе помислев дека сум изгубил два часа од животот гледајќи подпросечен филм, знаев дека на сајтот на Еберт ме чека критички осврт што ќе ми даде поинакво гледање, а некогаш дури и комплетно ќе ми го промени мислењето за филмот.  La Dolce Vita беше омилениот филм на Ebert и дури откако го прочитав овој есеј почнав да го ценам Fellini.  Вечерва додека го пишувам ова сфаќам колку многу ќе сакав да знам што мисли Ebert за La Grande Bellezza.  Се плашам дека можеби ќе му се допаднеше.  Сакам да мислам дека можеби дури и ќе ме предомислеше.

Monday 17 February 2014

The Lego Movie - Phil Lord and Chris Miller (2014)

The Lego Movie е визуелно иновативен и паметен филм заглавен во погрешна наративна структура.  Првите 60 минути минуваат во комплетна конфузија, додека лего човечето Емет се обидува да си докаже себеси и на другите мајстори градители (Бетмен, Витрувиус, Супермен, Грин Лантерн) дека е посебен и дека ќе успее да го спречи лошиот Лорд Бизнис во намерата да го замрзне целиот лего свет со мистериозниот објект Крегл (KRAzy GLue:).  Анимацијата е совршена, шегите се свежи, но приказната постојано скока од еден во друг лего свет, нестрплива да ни ги покаже сите свои визуелни креации.

Стрпливите гледачи ќе бидат наградени дури пред крајот на филмот, кога неочекуваниот twist ќе им стави насмевка дури и на лицата на најциничните родители.  Гледајќи наназад, Лего филмот има совршена логика и мојата фрустрација е само доказ дека сум премногу како Лорд Бизнис, подостарен мрчач кој не сака непредвидливост.  А сепак, не можам да се оттргнам од впечатокот дека сите ќе уживавме многу повеќе ако од самиот почеток го знаевме контекстот (и срцето) на приказната.  Како авторите да се уплашиле од својата оригиналност и решиле да ја закопаат длабоко во филмот за да не им пречи на визуелните ефекти.

Забележувам тренд во поновите детски анимирани филмови: приказната е сведена на минимум и е заменета со комбинација од вртоглава анимација и смешки за возрасни.  Логиката е веројатно дека никој не оди на детски филм заради оригиналноста на сценариото.  Децата доаѓаат за да бидат заплиснати од аудиовизуелни стимуланси, а возрасните сакаат неколку безопасни шеги кои ќе им помогнат да не заспијат и ќе им докажат дека се и натаму кул и во тек со популарните трендови.  За жал и The Lego Movie ја следи оваа формула, за потоа во брилијантните последни минути да се посипе со постмодерна деконструкција на која и Дерида би и позавидел.


Tuesday 11 February 2014

American Hustle - David O. Russell (2013)


Во обид да ја опише својата сопруга Rosalyn (Jennifer Lawrence) на својата љубовница Sydney (Amy Adams), Irving Rosenfeld (Christian Bale) ја употребува фразата 'the Picasso of passive-agressive carate'.  Извадена од контекст репликата звучи крајно шизофрено.  Ставена во устата на Christian Bale, ја отсликува блесавоста на сценариото и способноста на Jennifer Lawrence да создаде уникатен лик од најнеблагодарна улога.  Секој филм што се осмелува да се расфрла со метафори кои обединуваат уметност, психијатрија и боречки вештини го заслужува моето внимание, а богами и неколку Оскари.

American Hustle е филм направен во еден здив.  Импровизацијата се чувствува во секој кадар, како David O. Russell да гледал многу филмови на Robert Altman и потоа решил да се збогува со својата репутација на режисер диктатор и ги оставил глумците да го креираат сценариото.  Резултатот е совршено кастирана комедија за ликови од кои човек не би требал да купи ни мастики, а кои сепак успеваат да вовлечат во својата мрежа десетици влијателни политичари и мафијаши.  Верувале или не, филмот е заснован на легендарниот Abscam скандал, и токму деловите кои изгледаат најневеројатно (како оној за шеикот кој е ФИБ агент и не зборува арапски) се жива вистина.

Гледајќи го трејлерот за American Hustle, можеби ќе помислите дека David O. Russell решил да го копира неповторливиот Boogie Nights.  За среќа, тој впечаток е само поради продукцискиот дизајн и изборот на музика, површински сличности кои се неизбежни кога се прави филм за 70-тите.  American Hustle нема ни трага од епските амбиции на PT Andersen.  Ова е филм направен исклучиво за да не насмее и да ни покаже што се случува кога на исто место ќе се најдат режисер-иконокласт и еден куп талентирани и храбри глумци.