Tuesday 8 June 2021

С(Ц)ИЕСТА СО АНДРЕЈ РИСТЕСКИ: Длабокото учење е алхемија што мораме да ја разбереме

Андреј Ристески е професор на Универзитетот Карнеги Мелон (CMU) во Питсбург, Пенсилванија. По потекло од Прилеп, Андреј уште додека е во гимназија интензивно се занимава со математика и информатика. На додипломски заминува на Универзитетот Принстон, каде што останува и на докторски студии. Студира компјутерски науки, со фокус повторно на математика и информатика. Потоа оди на постдокторски студии на МИТ Универзитетот, по што доаѓа во CMU. Тука во моментов работи како професор на одделот за машинско учење, кој е прв и сè уште единствен оддел за машинско учење на светот. Меѓу основоположниците на одделот е Том Мичел, еден од гигантите на машинското учење.

Андреј беше гостин на последната С(ц)иеста минатата среда, која предизвика голем интерес меѓу членовите на групата, а особено од колегите што се занимаваат со машинско учење.

Tuesday 25 May 2021

С(Ц)ИЕСТА СО АНА АЛАЧОВСКА: Спојот на уметноста и технологијата не е научна фантастика


Ана Алачовска заминува од Македонија во 2003 година по завршувањето на студиите по Општа и компаративна книжевност. По студиските престои во Италија и САД, каде што двапати магистрира – еднаш на струката, а вториот пат во областа на комуникациите, заминува за Данска на докторски студии и тука останува веќе 10 години. Во моментов работи како професор на Бизнис-школата во Копнехаген за која вели дека е многу чудна, во најпозитивна смисла на зборот. Ана, која денес се дефинира како социолог, во Бизнис-школата предава заедно со други колеги од областа на хуманистичките науки, а нивни студенти се луѓе кои работат менаџмент во индустрии како музичката, ликовната, филмската, модната...

Целиот овој период таа се занимава со разбирање на креативната работа со која се создаваат уметнички дела, кои освен естетска имаат и економска, социјална и политичка вредност. Нејзино поле на интерес е и улогата на уметноста во бизнис и менаџмент-процесите, како и во развојот на технологијата и технолошкиот менаџмент. Ана беше гостинка на последната С(ц)иеста каде што присутните имаа можност да се запознаат со фантастичниот начин на кој таа ги спојува уметноста и (дигиталните) технологии во своите истражувања.

Tuesday 11 May 2021

С(Ц)ИЕСТА СО ВЕСНА БАЧЕВА: Макронапредок во дијагностиката со микрочипови

Весна Бачева е една од добитниците на наградата „Успешни млади“ што претседателот на државата минатата година за првпат ја додели за најдобри млади научници за 2019 година. Весна ја доби наградата за најдобра млада иноваторка со два меѓународни патента, а денес е на пат кон својот четврти. Таа е од Струмица и Македонија ја напуштила по завршувањето на средното образование. Студирала на Федералниот технолошки институт (EPFL) во Лозана и своето образование го продолжила во Швајцарија. Магистерските ѝ се во рамки на Израелскиот научен институт „Технион“, под покровителство на IBM Research, една од 12-те лаборатории на ИБМ фокусирани на истражувачка работа, а во ИБМ во Швајцарија ѝ се и моменталните докторски студии, кои се всушност продолжување на работата на тезата од магистерските.

По образование е микроинженер, мултидисциплинарна струка на граница меѓу машински и електроинженер, при што нејзината работа е фокусирана на микро и наносистеми, односно на чипови со многу мали димензии, кои можат да се користат во медицинската дијагностика.

Thursday 29 April 2021

С(Ц)ИЕСТА СО МАРТИН ПЕТРОВ: На патот кон автономните возила, се фокусираме на возачот

Мартин Петров е електроинженер, по потекло од Кавадарци. Студирал во Франција и завршил мастер-студии на Школата за инженери во Тулуз. Во Тулуз останал и да работи – прво во авиоиндустријата на систем за супервизија на пилоти на авиони, а потоа во автоиндустријата, каде што го интересирал истиот проблем – како системот да детектира кога човекот зад воланот всушност не го вози автомобилот и соодветно да реагира. Откако поминал 10 години во Франција, минатата година се преселил во Франкфурт и моментално работи во „Континентал“.

Tuesday 13 April 2021

С(Ц)ИЕСТА СО САШКА ДИМОВА: Без инвестиции нема напредок во образованието

Сашка Димова ја напуштила Македонија веднаш по завршувањето на средното образование. Студирала и магистрирала економски науки во Бугарија, Унгарија и Австрија, а докторирала во областа на пазарот на труд на Универзитетот Архаус во Данска. Денес живее во Англија и работи во „Ранд корпорација“. „Ранд“ е американска непрофитна организација со долга и докажана посветеност на објективно и висококвалитетно истражување поткрепено со ригорозна анализа. Како европска рака, канцеларијата во Кембриџ, која е со стотина вработени, има помал опсег на теми на интерес, но има изградено емпириско разбирање на критични теми од областа на образование, вработување, здравје, внатрешни работи и социјални политики. Сашка е економист и работи во група посветена во подобрувањето на политиките од областа на образованието, здравството и безбедноста.

На последната С(ц)иеста таа ги сподели своите искуства од спроведувањето рандомизирани контролирани испитувања во областа на образованието, како алатки за мерење на ефикасноста на новите програми и исплатливоста на нивното спроведување во англискиот образовен систем. 

Tuesday 30 March 2021

С(Ц)ИЕСТА СО МИТКО ВЕТА: Ги автоматизираме анализите на патолозите

Митко Вета е млад научник кој живее и работи во Холандија веќе 11 години. Уште на додипломските и магистерските студии на ЕТФ на УКИМ, работел на анализа на слики и продолжил да истражува во оваа област и на своите докторски студии во Универзитетскиот медицински центар во Утрехт. Тогаш почнува да работи на проект од областа на дигиталната патологија, нешто целосно ново во тоа време. Меѓу неговите ментори е и Макс Фиргевер, еден од пионерите во оваа истражувачка област. На постдокторски Митко заминува во Ајндховен, каде што моментално работи како доцент на Универзитетот. 

Tuesday 16 March 2021

С(Ц)ИЕСТА СО НЕНАД СВРЗИКАПА: РНК-вакцините се поедноставни и веројатно затоа се поефикасни

Ненад Сврзикапа е првиот охриѓанец на Оксфорд. Пред него, во Охрид, понуда од овој стар универзитет има добиено единствено Григор Прличев, кој ја одбил. Ненад студирал биологија во САД, магистрирал на Харвард, а денес е на докторски студии на Катедрата за педијатрија на Оксфорд и работи во лабораторијата на професорот Метју Вуд.

Своето искуство го стекнувал во повеќе лаборатории, меѓу кои се и оние на Институтот за рак Дана Фарбер, „Alnylam Pharmaceuticals“, „Wave Life Sciences“, а во текот на изминатите дваесетина години соработувал со многу видни научници, како нобеловецот Крег Мело, Марк Видал, Грег Вердин, Такеши Вада, Алберт-Ласло Барабаси, Цезар Хидалго, Метју Вуд, Томас Робертс... На последната С(ц)иеста со Ненад се разговараше за развивањето генетски лекови кои таргетираат РНК, како siRNA (small interfering RNA) и ASO (antisense oligonucleotides) и за неговите истражувања фокусирани на регулација на протеини (protein upregulation) при ретки генетски болести.

Темата е интересна периодов поради тоа што токму истражувањата за замена на протеини доведоа до новите РНК-вакцини, од кои се очекува да стават крај на кризата со КОВИД-19.